Новото диџејско дуо на македонската клупска сцена се потпишува како AgainstU, a го сочинуваат Предраг Богданоски и Ивица Наумоски. Спротивставеноста во името под кое настапуваат, се надополнува и со нивните професии: Предраг работи во ИТ-секторот, а Ивица во суд. AgainstU во целост му се посветени на добриот хаус, pаботат со голем ентузијазам кон музиката и постојано настапуваат на релација Скопје – Гостивар, а во летниот период можете да ги слушате и во Охрид.
Раскажете ни ја приказната за вашите почетоци.
Почетоците ни се од пред 15 години, одвоено, т.е. јас (Предраг) пуштам од пред повеќе од 15 години, додека Ивица неколку години по мене. Во целиот период вкусот на музиката ни бил доста сличен и секогаш сме се надополнувале меѓу себе. Пролетта 2017 бевме во Мадрид и таму се договоривме да почнеме да настапуваме заедно, да дадеме нешто ново на диџејската сцена и така се роди AgainstU.
Кои се вашите најголеми музички идоли?
Во различни правци и жанрови, различни омилени продуценти и диџеи, Above&Beyond и нивните мелодии, афро-звукот на Black Coffee, потоа Solomun, Hot Since 82, Joris Voorn, Seth Troxler, Loco Dice, Maceo Plex, Kolsch, AndHim, Franky Rizardo, електронските звуци на Eric Prydz односно алиасот Pryda, некои техно-икони како Svan Vath, Richie Hawtin… Многу се, не можеш да ги донаброиш. Секој си има свој стил, уникатност и убавина во својот настап.
Кој настап ви е најдраг досега од гледна точка на диџеи, а кој од гледна точка на публика?
Сите настапи ни се драги, не можеш да издвоиш некој посебен. Искрено, настапот зависи најмногу од публиката. Колку повеќе луѓето се дојдени да уживаат на музиката и да се забавуваат, толку настапот ќе биде подобар. Енергијата е различна, а публиката има најмногу влијание врз атмосферата. Според тоа, од гледна точка на публика, многупати се случувало да појдеш на настап на некое звучно име со големи очекувања, но да си поминеш просечно. Не дека не ти се допаѓала музиката од која бил составен сетот, туку едноставно нешто фалело во целата атмосфера. Можеме да набројуваме многу настапи, од становиште на публиката, на кои сме си поминале одлично. Вака на прва ми текнуваат настапи на Svan Vath на Саем од пред 15-ина години, PVD на Изгрев, неколку настапи на Aboved & Beyond во тогашното Колосеум, потоа настапи на Егзит на Solomun, MK, Hot Since 82, Maceo Plex, Leftfield, Booka Shade, Paul Kalkbrenner, потоа John Digweed, Rudimental, Terry Francis… (воздивнува) Кога остаревме? 🙂
Како би го карактеризирале стилот на музика што го пуштате и која е пораката што ја пренесувате преку вашата музика?
Стилот на музика што го пуштаме е хаус и негови поджанрови како deep, фанки, соул, диско, а во вечерните настапи повеќе преовладува tech. Пораката што ја пренесуваме е во самиот звук, треба да ја почувствувате, не треба да се објасни со зборови.
Кога би можеле вечно да се заглавите на некоја музичка сцена, која би била таа и од кој период?
Нема некој период што би можеле да го издвоиме посебно, бидејќи од секој период постои одлична музика. Џез, блуз, ретро диско ритми, сè до хаус, техно, транс прогресив-електронската музика. Ако слушате многу музика, секогаш ќе најдете нешто што ви одговара и што е одлично.
Според вас, кој музички жанр во моментов е преценет, а кој потценет?
Без никого да навредиме, за нас прецените се EDM и Trap… Имаме една наша теорија дека музиката го отсликува животот и културата на младите во моментот кога е актуелна па така и ова модерно време, со брзо темпо на живеење, го отсликува токму овој стил на музика. Ние повеќе преферираме нешто поприродно, добра мелодија, правилен ритам. За чистиот хаус не можеме да кажеме дека е потценет, но дефинитивно е во втор план зад техното.
Кои се трите песни што, според вас, никогаш нема да остарат?
Planet Funk – Chase the Sun,
Orbital – Halcyon On and On,
Fatboy Slim – Right Here, Right Now