Имаше еднаш едно време, не толку многу одамна и не толку далеку, кога ако се откриеше дека некое дете е со нагони на гејмање со денови, се сметаше дека мање-више истото е проколнато и со среќа на мајката на такво дете. Играњето игри со прекумерна страст значеше дека си лупнал во ѕид и дека толку од животот, според родителите и нивните кругови на пријатели и познајници. Замисли, во тој временски контекст да пројавиш желба и интерес да правиш игри. Како и зошто во целиот хаос на загрижени родители, ти решаваш да најдеш начин како да направиш нешто од коешто други луѓе ќе зависат?
Развојот на видеоигрите е индустрија чијашто гравитационо поле сè повеќе и повеќе привлекува млади луѓе што сакаат да ги преточат своите идеи во игриви искуства. И се разбира, оваа индустрија и лесната пристапност до неа во денешницата, разбудуваат многу идеи и возбуда кај креативните умови и кај нас. Видеоигрите се медиум за пренесување некоја идеја како што се филмовите, музиката, визуелната уметност итн.
Кратка „историја“ на македонската девелопмент сцена
Кој го фрли првиот камен? Искрено, не знам. Можеби некој ден, некој некогаш ќе направи точна историја на тоа како почна целава работа, јас можам само да се поврзам на пола пат и до каде се стигнати работите. Во меѓувреме, ќе се потрудам да ги посочам одредените откриени milestones од македонската гејминг култура. Мојата приказна започнува во не толку далечната 2014 година. Беше лето, завршував со испити од прва година и се спремав за запишување на следната.
Start Up Grind v2, Tesseract и GG
Бев вклучена таа година во студентска организација и барав што било поврзано со креативни индустрии, развој на мали бизниси, како од ништо да направиш нешто, бидејќи имав некоја идеја дека од ништо ќе направам студио за нешто. Научив нешто околу стартапи, па почнав да го барам тој клучен збор кај и да стигнев. Сè додека не наидов на Start Up Grind, каде што говорници беа Гораст Цветковски и тогаш ја пишуваше идејата за GG и Иван Ивановски од Tesseract Interactive. До тој момент немав слушнато некој од Македонија да прави игрици и воедно и да планира да направи поткаст за игрици. Не сум сигурна дали во тој момент беше готова Excubitor или беше во завршни фази, но сепак бев импресионирана од комбинацијата на tower defense во 3D простор со вселенски летала. По презентациите имав можност да поразговарам со Гораст и со друштвото што беше со него околу Југотон собиранките по повод StarCraft и Warcraft, за времето кога Гоблин не било во Буњаковец, туку гаража, за времињата на компјутерниците, итн. Во тој момент сфатив дека луѓево се од друга планета. Неколку месеци по презентацијата, Гораст, Данко и Бобо започнаa со првата епизода на GG, што прерасна во најголемиот и најактивен поткаст за гејмери во државата со моментална деветта сезона.


Alt Ctrl Game Jam
Заврши летниот распуст и назад на факултет. Си викам, кај се вратив на машински, кај се зезнав, ова нема да ми најде игри за правење. И во сето тоа мало пцуење на што да правам со себе, ми се појави постер од Alt Ctrl Game Jam, неколкудневен хакатон за развој на алтернативни гејминг контролери. Па, викам, ајде, зошто да не. Не знаев дали имаше регистрација или нешто слично, ама битно отидов, се појавив и ме посвоија во тимот на Shoopy, односно Андреја. Појма немав што правам, седнав да цртам пиксел арт карактерчиња и некои средини за да послужат како интерфејс за уникатниот контролер. Првиот контакт со правење игри се воспостави на овој мал хакатон, што понатаму прерасна во осознавањето дека постои Global Game Jam, на што ќе се навратиме наскоро.

Game РАЗВИОТКА
Пак одредено време и немав никаков контакт со правење игри. Сè додека не наидов на уште едно предавање таканаречено Game РАЗВИОТКА. Стануваше збор за отворено предавање од страна на Румена Најчевска и Петар Котевски во просториите на Seavus, каде што говорниците ќе раскажуваат за своите искуства во гејмингот и за проектите на коишто работат/работеле.



Додека траеше предавањето, се изгасив комплетно од сè останато и не можев да верувам дека постои оваа креативна димензија. Румена раскажуваше за нејзините искуства од Бреда и развојот на уметнички интерактивни игри, додека Петар разговараше за времето кога работел во Crytek. Сакаш да ми кажеш дека дечково од Битола работел во студиото што ни ги донесе Crysis и Far Cry?! Откако завршија Румена и Петар, сè што знаев и што верував до тој момент се смени. Румена денес е во Јапонија, каде што сè уште генерира феноменални илустрации и карактери, додека Петар е „роботник“ во Камај Медиа и работи за Metaverse Game Studios.
Global Game Jams, Board Game Day, луѓето и настаните
Следните неколку години ги поминав во откривање на луѓето и нивните проекти во гејминг индустријата. Генерално периодот од 2015 до 2018 го поминав во Гоблин и во Јавна соба на разновидни настани поврзани со играње игри. На малубројните настани од тој тип во тие години, се појавуваа слични луѓе, доаѓаат со големи и мали идеи, со изреализирани и во процес проекти. Не само што открив дека има растечка култура околу видеоигрите, туку има и силен развој на друштвените игри. Културата на игрите, и видео и друштвени, се иат развивано речиси паралелно низ годините. Многу познајници што со години се бавтаат со играње видеоигри, истовремено играа Magic The Gathering, Yu-Gi-Oh, Dungeons & Dragons, Warhammer 40K или нешто друго. И исто како и желбата за правење игри, очигледно постоела и желба за правење друштвени игри. Во април 2016 година успешно се направи и финансираше преку Kickstater првата македонска игра на Милан Тасевски и Archona Games, Small Star Empires. Не помина ни месец дена, кога студиото Final Frontier Games на Војкан и Ивана Крстевски, Тони Тошевски и Маја Матовска го надминаа финансирањето на Small Star Empires со нивната игра Cavern Tavern илустрирана од страна на Тхе Мичо. Оттогаш овие две компании се во константен дуел кој ќе преовлада со следната нова друштвена игра! (ова има смисла ако се прочита драматично). Денес, Archona Games брои тазе заокружени девет успешни кампањи со Pest, додека Final Frontier ја достигна јубилејната десетта на крајот на 2022-та со Merchants Cove: Master Craft. Во меѓувреме, бордгејмерите успеаја да добијат и кафиќ што ќе ги задоволи нивните групни дружби, односно го добија Board Game Cafè SAMO, што за некој месец ќе ја одбележи својата четврта година на работење.


Тука остана и Global Game Jam, 48-часовниот маратон за правење игри организиран од страна на МАГДА. Веќе единаесетта година по ред, најчесто во бараките на ФИНКИ во Скопје и во Камај Медија во Битола, се одржуваат овие креативни викенди, каде што луѓе со секакво искуство доаѓаат да направат откачени и свежи видеоигри. Секоја година се дава некоја фраза или збор според кој/а треба учесниците да ја разработат темата во каква било игра. Може да се учествува тимски, може индивидуално, но најважно е човек да се забавува, да учи нови работи, да соработува со нови луѓе и да не спие повеќе од 4 часа во еден викенд. Во 2013 година, од овој настан произлезе Odium to the Core, игра на Dark-1, односно Кристијан, Симон и Марко. Со оваа игра момците добија победнички пласман на GGJ2013 и одличен почетен прототип што понатаму порасна во целосна игра што се издава на Steam. Моментално новиот подем на Dark-1 е играта Skopje, каде што играчот треба да преживее во алтернативно минато Скопје окупирано од кибернетички подобрени зомбиња. Но, кога сме на тема Steam, првиот македонски камен на продажната платформа е Raining Blobs, изработена од Енди, неколку месеци пред Excubitor. Други македонски наслови што стигнале на пазарот се: Wounded и Wolfsbane од Workbench Entertainment, Sonder од Kamaj Media, The Strange Story of Brian Fisher од Intetic и ред други што можете да ги прочитате во Додаток 2 од мапирањето на индустријата на МАГДА и Britsh Council. Ќе ја искористам нишкава како подетален преглед на македонски игри на Steam, откриени досега. Ако има други, кажувајте, да не остане никој заборавен.


Малите инди студија и големите мобилни игри
И како за крај, ако стигнавте дотука, свака ви част, искрено ни јас не знам до каде стигнав. Ќе ја затворам приказнава со два cliffhanger-а. Првиот, NapNok, инди студио лоцирано во Копенхаген, но со креативни корења и луѓе од Скопје. Основано пред 12 години и четири издадени наслови, NapNok и Дајана имаат големо влијание во развојот на гејминг културата и пристапноста на млади и амбициозни креативци до нивните омилени игри. Рамо до рамо со студиото, го имаме и детето на NapNok, Indium Play, студио за тестирање игри. Паралелно со инди студијата за компјутерски и конзолни видеоигри, имаме и неколку студија за мобилни игри, односно вториот cliffhanger во приказнава. Најпрепознатливи се Crazy Labs (ex. Tab Tale) и Furious Avocado. Двете студија покриваат игри во жанрот на hypercasual мобилни игри, кои имаат едноставни механики и забавни визуализации. Иако Crazy Labs бројат огромна библиотека на наслови, Скопје е дел од градовите поврзани под ова студио, додека Furious Avocado се целосно македонски тим.


Сума сумарум, дали некогаш ќе заврши ова?
Јас, да, игрите, не. Гејминг индустријата секоја година брои нови успеси во разновидни полиња и не делува како да ќе успори во скоро време.
Ана Здравкова