А ги има стотици, и понекогаш е навистина тешко да се избере вистинската за нашиот вкус. Затоа решивме да ви помогнеме со наш избор од пет популарни серии што можете да ги гледате периодов.
„Можам да те уништам“ („I May Destroy You“)
„I May Destroy You“ e 30-минутна серија што умешно плови меѓу саркастичниот хумор и драматичноста. Приказната го опфаќа животот на Арабела (Михаела Коел), писателка што работи на својата втора книга. Откако во пијалакот ќе ѝ биде подметната дрога, непознат човек ја силува Арабела, која потоа се обидува да го пронајде составувајќи парче по парче од она што ѝ останало во меморијата. Серијата во голема мера ја обработува проблематиката на сексуалните напади и сексуалната согласност. Режисерката и сценаристка на оваа серија, добро познатата Михаела Коел, ни презентира солидна серија што може да се вброи меѓу визуелните ремек-дела на телевизијата. Потребна е голема софистицираност и изразено чувство за мера за да се прикаже приказната за траумата и за начините на нејзиното прикажување, а тоа оваа серија ни го нуди во изобилство.
„Ние“ („Us“)
Барате драма што може да ве расположи? Обидете се со серијата „Us“ на Би-би-си. Има четири дела, а се базира на бестселерот на Дејвид Николс. Главниот лик Даглас Питерсон (Том Холандер) е навидум среќно оженет човек, кој планира големо патување низ Европа. Но семејниот план пропаѓа бидејќи неговата жена Кони (Саскија Ривс) му вели дека сака развод. Сепак, тој ја убедува да му придружи на европската тура, користејќи го патувањето како очаен обид да ја врати нејзината љубов. Ако ви е тажно, смешно и романтично во исто време, дајте ѝ шанса на серијава. 2020-та е, го заслужувате тоа 🙂
„Во мојата кожа“ („In My Skin“)
„In My Skin“ e уште една британска серија, чие дејство се фокусира на една тинејџерка, која живее во огромна лага. Бетан (улогата ја игра Габриел Криви и доби сјајни критики за тоа) го носи товарот на созревањето во дисфункционално семејство. Нејзиниот татко е алкохоличар, а мајка ѝ се бори со биполарно нарушување. Бетан ја крие ваквата реалност од своите врсници, постојано измислувајќи приказни за својот нормален фамилијарен живот исполнет со љубов и разбирање. Целиот тој спектар на емоции меѓу измислениот живот и суровата реалност (базиран на животот на креаторот на серијата Кејли Левелин), ни носи серија што осцилира меѓу забавното и очајното.
„Убаво чувство“ („Feel Good“)
„Feel Good“. Да, уште сме кај Британците. Оваа серија ја креираа Меј Мартин и Џо Хемспон. Има вкупно шест дела. Серијата се фокусира на романсата меѓу двете лондончанки Меј и Џорџ. Меј е комичарка, а Џорџ е срамежлива Англичанка од средната класа. Тие почнуваат врска, а притоа Џорџ дознава дека Меј е поранешна зависничка од дроги. Џорџ ја убедува да им се придружи на состаноците на анонимни зависници, каде што таа се запознава со други интересни ликови што стануваат дел од нејзиниот живот. Критичарите за оваа серија велат дека е полна со интересни увидувања и реализам, на начин на кој многу серии денеска се трудат да бидат, но ретко некои успеваат тоа да го направат така успешно.
„BoJack Horseman“ (шеста сезона)
И за крај, една од најдобрите серии за изминатата деценија. Остра холивудска сатира, инвентивна приказна и беспрекорна анимација. Критичарите ја нарекоа „попаметна, интелигентна и помногуслојна од 95 проценти од која било комедија“. „BoJack Horseman“ е слатко-горчлива и брилијантна до самиот крај, а последната сезона успеа да ги изненади гледачите со својата емпатија и длабочина, зацврстувајќи си ја позицијата на телевизискиот трон.