Музеите се домови на уметноста. Тие се простори во кои меѓусебно се пресекуваат архитектурата и сите типови на уметност што таа ги става под своја закрила. Прескокнувајќи ги веќе добро познатите музеи од типот на Лувр, МоМА, Ермитаж, Ријксмузеум, направивме листа од неколку други светски музеи на модерната и современата уметност, кои воодушевуваат со својата надворешна структура, но и со уметничката понуда внатре.
Fondation Louis-Vuitton
Сместен во Bois du Boulogne на западната страна на Париз, Fondation Louis-Vuitton е музеј и културен центар што ја поддржува современата уметност. Зградата е отворена во 2014 година, а нејзината градба чинела 143 милиони долари. Музејот е дизајниран од американскиот архитект Френк Гери. Гери пронашол инспирација во формите на облаците и ја дизајнирал зградата на Fondation Louis-Vuitton, така што таа изгледа како да ја покорува гравитацијата и „провоцира визуелни пукнатини со кои се реинтерпретираат перспективите“. Музејот исто така претставува омаж на другите стаклени структури во градот, како што е Grand Palais. Fondation Louis-Vuitton има два ката и е составена од 11 галерии со различни големини.
Соломон Р. Гугенхајм во Њујорк
Музејот Соломон Р. Гугенхајм е постојан дом на голема колекција импресионистички, постимпресионистички и современи уметнички дела, со специјални изложби во текот на целата година. Се смета за еден од најрепрезентативните музеи ширум светот, а неговата структура во срцето на Менхетн е едно од најзабележителните дела на архитектот Френк Лојд Рајт. И покрај денешниот статус на градска знаменитост, конструирањето на оваа зграда се памети по битката меѓу архитектот Рајт и градот, жителите и уметничкиот свет. Рајт сметал дека музејот не треба да се гради во Њујорк, но сепак се согласил за локација во близина на Централ парк сметајќи дека на тој начин музејот ќе биде своевиден одмор од брзиот живот во пренатрупаната метропола.
Тate Modern во Лондон
Тate Modern всушност се третира како галерија. Започнал да се гради во 1889 година кога британскиот индустријалец Хенри Тејт ја донирал својата колекција од уметнички дела од XIX век и го овозможил создавањето на првата галерија Тејт. Еден век подоцна е објавена изградбата на меѓународната модерна и современа уметничка галерија Тејт. Во Тate Modern можат да се најдат револуционерни уметнички дела, вклучувајќи ги и „Marilyn Diptych“ од Енди Ворхол и „Голата жена со ѓердан“ од Пабло Пикасо.
Гугенхајм во Билбао
Овој музеј се наоѓа во Баскија, покрај реката Нервион. Музејот Гугенхајм во Билбао исто така е дизајниран од американскиот архитект Френк Гери и е претставен како свиена скулптурална икона направена од титаниум, варовник и стакло. Се смета дека зградава е направена во деконструктивистички стил. Во една статија на „Vanity Fair“ може да се прочита за т.н „Билбао ефект“, кој го означува економското оживување на еден зафрлен регион благодарение на врвната архитектура. Имено, по отворањето во 1997, музејот успева да ја вивне туристичката економија и да го ревитализира постиндустрискиот Билбао.
Музејот на модерна уметност во Сан Франциско
Ова е првиот музеј на западниот брег, кој е исклучиво посветен на уметноста од XX век. Постои од 1935 година. Има импресивни седум ката со галерии, во кои можат да се видат повеќе од 33.000 дела. Специфичен е по ѕидот на кој има засадено илјадници растенија. Музејот за модерна уметност во Сан Франциско содржи препознатливи модерни уметнички парчиња, вклучувајќи го и „Жената со шапка“ од Анри Матис и провокативната „Фонтана“ на Марсел Дишан.