Бевме да ги слушаме Bernays Propaganda на еден од концертите во МКЦ минатиот месец. Потоа посакавме да ги фотографираме. Откако ги фотографиравме, не можевме да му одолееме и на предизвикот да поразговараме со нив. Муабетот течеше вака:
Додека ја слушам вашата музика, се присетувам на стиховите на Ацо Караманов: „Јас сакам да станам поет-динамит / поет на борбата / со рафал во душата“… Искрено, уморни ли сте од „пукање“ кон неправдата, социјална нееднаквост, политичкиот дилетантизам? Сè подалеку ли сме од остварување на желбата на Кристина која во едно интервју посакува некој ден Bernays Propaganda да пеат за љубовта и за внатрешните светови, наместо за тегобите на општеството?
ВАСКО: Никој не нè натерал со пиштол на глава да бидеме тоа што сме. Едноставно, такви сме родени и така живееме. Има два типа на сиромаштија… во џебот и во главата. Сиромаштијата во џебот секако дека пее и за внатрешните светови. Преку глава од тие кои се уморни од сè што има поента, а поддржуваат само она што сите го сакаат без да размислуваат за последиците. И на крај пак ќе ги спомнуваме Караманов, Рацин, Чинго… зошто сите другиве се или уморни или живи мртовци или му аплаудираат на Заев.
На патот од „Happiness machines“ па сè до „Ништо нема да нè раздели“ бендот доживува постојани метаморфози, како жив организам кој широкоградо ги прифаќа промените што ги носи времето. Како, после повеќе од деценија, би одговориле на прашањето: Кои се и што се Bernays Propaganda?
ТИНА: Bernays Propaganda e како да имаш долгогодишна врска со проблематична девојка / дечко 🙂 кој/а никако да ја/го оставиш, затоа што МНОГУ ја / го сакаш. Толку многу што, кога не е до тебе, не ти се отвораат очи насабајле 🙂 Една од најпроникливите рецензии на бендов ја даде музички новинар од Србија пред еден месец: „премногу поп да биде алтернативно, и премногу алтернативно да биде комерцијално“. Straight to the point опис. Парадоксален хибрид од два дијаметрално спротивни изрази – light dance сонична амбалажа и tough тематика. Нашиот звук велат дека има комерцијален потенцијал (и ни ги отворил вратите за некои поголеми музички фестивали каде што сме свиреле и на иста бина пред Клаксонс или Миси Елиот), меѓутоа би имал уште поголем комерцијален успех доколку ги изолираме текстовите. И тука доаѓаме до поентата – текстовите нѐ катапултираат надвор од фолдерот на ПОП бендови, за век и веков. Замисли Ријана да пееше “Долга е раката, трнлива е розата, некој виски пие дур смрт нарачува„ – гарантиран крах за месец дена :))) А, и не сме баш меркантилни типови искрено… Одбивме интервју за MTV, одбивме илјадници евра и покрај тоа што имавме десетици во џеб, само затоа што сметавме дека не ни е местото на некој фестивал и навечер помирно ќе спиеме без тие пари. Доволно е сè кармакаша и без тоа. Кога Анџелина Џоли и Кајли Миног облекоа маици од анархо-панк бендот CRASS, кога се појавија видеа на youtube од типот: Како да станеш феминистка или јогин во 10 чекори – и со тоа цело едно макотрпно движење од илјадагодишна духовна трансформација го сведоа на science of stupid поза – се докажа дека сѐ отиде у к…ц со банализирањето на добрите идеи. Наместо ВО глава, ги носиме НА глава, како фризури. Во тој фаст фуд матрикс каде што сè е shortcut, инстант – брзо доаѓа и брзо си оди – забавно е да пливаш маратон, споро, на долги стази. Дур ти е главата горе – над вода 🙂
Распределбата на пари во културата кај нас се претвори во вистинска гротеска, а крикот на Bernays Propaganda против естаблишментот не одекнува само во вашата музика. Гласно се спротивставивте и во небулозниот случај со Филхармонија кога ви беа доделени средства за непостоечки концерт. Што мислите воопшто за распределбата на државни средства во сферата на културата, кој треба да бара, а кој да добива?
ВАСКО: Никогаш не сме биле третирани од министерството за култура и не ни сакаме. За нив култура е она што го прави нивното партиско членство и тоа е тоа. Од време на време ќе поддржат некој неутрален чисто ради имиџ и тука најчесто губи неутралниот затоа што после тоа станува нивни. Министерството за култура е како полицаец кој секогаш стигнува последен на местото на злочинот. Беден е оној кој зависи од било кое министерство а посебно некое северно!!!
Понекогаш се прашувам колку квалитетни артисти од земјите што не се дел од англосаксонскиот културен пејзаж, светот никогаш нема да ги види или слушне едноставно поради таа (само навидум) географска или јазична бариера. Ним им е потребно двојно повеќе енергија за да се пробијат надвор од матичната сцена. Сте го почувствувале ли тој, условно кажано – хендикеп, на своја кожа?
ТИНА: Светот сѐ уште живее според стара апокрифна мапа на еден пијан фламански морнар –од 16 век, кој можеби фрлил некоја чашка повеќе и ја нацртал Африка многу помала 🙂 иако во реалноста одамна сателитските снимки јасно покажуваат дека Африка е size XL, а не S. До толку е утната работата, тенденциозно секако. Ако повеќе од 500 години живееме во свет и учиме во училници во кои висат мапи кои намерно миноризирале ЦЕЛ континент, што се случува со нас кои сме реално midget и треба да нè бараш со лупа? Може да плачеме и да сурфаме на бранот на македонската малодушност и дефетизам дека светот го боли уво за нас и е генерално индиферентен – и тоа да го сфатиме како хендикеп или да го сфатиме како наша предност – КЕЦ во ракав, затоа што имаме да им покажеме нешто што не знаат. Долго време ми требаше да го сфатам тоа, после илјадници километри и многу турнеи. Едно време толку често ја поминувавме македонската граница што сигурно цариниците мислеа дека сме некои ситни криминалци, шверцери на цигари 🙂 а ние шверцавме само ентузијазам и ништо повеќе, пуста желба да свириме. Кога Mike Watt ни свиреше на песна, бубњарот на Gang of four отсвире концерт со нас не постоеја географски или јазични барикади, затоа што припаѓаме на иста секта, племе кое ја закопува нацијата и кое пее слична песна против сличен естаблишмент. Ако светот не слушнал за нас или за Димитра – млада паметна девојка од Битола, за Matej Foltz и ред други талентирани дечки и девојки, не е наш хендикеп, туку е проблем на нивната нељубопитност.
Регионот ве слави како најрепрезентативни претставници на македонскиот андерграунд, како диско постпанк активисти со do it yourself етика. Ако албумот „Политика“ беше обоен со електронски new wave, тогаш што да очекуваме после двата катарзични концерти во МКЦ, каков звук и набој ќе донесе „Втора младост, трета светска војна“?
ТИНА: Честопати кога снимаме некоја песна, колку и да си замислувам што би направиле во тој момент David Byrne или Nina Simone 🙂 тука е лимитот на гласните жици да ми врзе една педагошка заушка, да ме врати во реалност и да ми каже дека на крај нема да звучам како никој друг, туку како себе. И тоа е целата поента… Да звучиш како себе. Не сме бенд кој флертува и ги следи музичките трендови или кокетира со вкусот на публиката, сакаме да си играме топло-ладно чисто за да ја избегнеме досадата на репетитивноста. Може да срушиме сè и пак да изградиме од почеток, тоа го направивме неколку пати по цена на сопствен ризик. Таа промискуитетност со менување на звукот ни стана драјв кој нѐ вози и рестартира толку долго, што не знам што би правеле ако се балсамираме во еден моногамен жанр. Макар и по цена да изгубиме пола од публиката, секогаш ќе збориме против било која власт и влада. Може да свириме и за 50 луѓе (така и почнавме), како што сме спремни да свириме и пред 1000 луѓе, со ист ентузијазам и страст. Секој што го осетил тој набој и адреналин на бина, знае дека откажувањето од тоа е исто како да се откажеш од најслатката “дрога“ или од водење љубов. Тешко 🙂
За крај, кое време не е погрешно време за живеење?
ВАСКО: Нема погрешно време, има само погрешни луѓе!!!
(Текстот не е лекториран со цел да се задржи неговата автентичност)
Јосип Коцев