Тина Модоти
Родена во Италија, Модоти заминала во САД кога имала само 16 години, а својaта кариера ја почнала како модел и актерка во неми филмови и театарски претстави. Во 1920 година, младата Модоти се запознала со Едвард Вестон, можеби најважната фигура на модерната американска фотографија во тој момент.
Иако Вестон значајно влијаел врз нејзината работа и транзиција од модел во уметник, разликите во нивниот израз и пристап кон фотографијата се од огромни размери. Додека Вестон фотографирал прецизно структуирани актови, чија примарна задача е да емитуваат сензуалност и каде што акцентот паѓа строго на формата, кај Модоти субјектот е претставен во своето природно, секојдневно опкружување. Жената во фотографијата на Модоти е работничка, физикусот не е приоритет, а работата сè уште ја постигнува со еднаква педантност и концизност.
Во 1923 година, Модоти и Вестон се преселиле во поствоено Мексико. Ова поднебје се трансформирало во центар на културниот и интелектуален свет, а двајцата биле чести на забави во боемските кругови, покрај истакнати уметници како Фрида Кало и Диего Ривера.
Во меѓувреме работата на Модоти минува низ повеќе фази. Почнувајќи од домашните фолклорни мотиви, па сè до природните предели, таа полека постигнува архитектонска структура на кадрите, додека истовремено сè повеќе ги доближува до aпстракција. Нејзината фотографија е можеби комплексна, но социјалниот елемент и заложбата за правата на обесправените маси се несомнено нејзиниот најголем интерес.
Фотоапаратот на Модоти е сведок на секојдневниот живот во Мексико, кое минува низ историски исклучително турбулентен период, и ја користи во име на честа и достоинството на работничката класа. Во 1928 година, Модоти го запознала Антонио Мела, кубански револуционер и национален херој. Следната година тој бил убиен за време на прошетка со Модоти. Нејзината фотографија од неговата машина за пишување е тивок портрет на животот и делото на Мела, како и симбол на нејзината лева политичка ориентација, што конечно довело до нејзиното протерување од Мексико во 1930 година. Модоти избегала во Москва, каде што се приклучила кон Советската комунистичка партија.
Дајен Арбус
Дајен Арбус почнала како моден фотограф покрај својот сопруг, со кого работела десетина години. Своите први објавени фотографии ги има во магазинот „Esquire“ во 1960 година. Од овој момент повеќе од стотина нејзини фотографии, вклучувајќи портрети и фотоесеи, неретко придружувани и од нејзин текст, ги красат страниците на „Vogue“, „Harpers Bazaar“, „Glamour“ и многу други во текот на следната деценија. Со константната присутност во модниот свет и лесниот пристап до неговата темна страна, Арбус се заситила од конвенционалната и очигледна убавина.
Во 1962 година го напуштила компактниот фотоапарат со 35мм филм, најпопуларниот избор меѓу тогашните документарни фотографи, и почнала да се ориентира кон формат со многу поголеми димензии. Ваквиот чекор неизбежно довел до промени во врската меѓу неа и фотоапаратот како инструмент, како и со луѓето што ги фотографирала. Во текот на овој процес се раѓа и класичната формална техника на портретирање, која е нејзин печат.
Нејзините дела се храбри и непосредни, а нејзината умешност во своите субјекти да вроди доверба, непобитна. Ефектот на нејзината фотографија врз гледачот не сопира на едноставно будење на љубопитноста, туку продира во фантазијата и раѓа прашања за тоа кој е ликот пред него. Арбус поседувала ретка дарба од секого да направи приказна. Кај неа предизвикот една фотографија да биде направена од фотографот, а не од субјектот, е беспрекорно совладан.
Позната по уривањето на етаблираните правила, својата работа ја посветила на маргините на општеството, надвор од рамките на конвенционалноста и стандардните сфаќања за естетика. Арбус е можеби првата што успеала своите фотографии да ги пренесе од списанија на ѕидови од уметничка галерија. Таа е повеќе од заслужна фотографијата да биде сфатена сериозно и да го добие своето место во уметничкиот свет.
Во 1970 година Арбус го фотографира аргентинскиот писател и поет Луис Боргес во Централ Парк, Њујорк, откако ослепел. Неговиот портрет е последната фотографија на Арбус, која ја објавил „Harpers Bazaar“. Искрениот и директен стил ја чинат една од највлијателните фотографки на 20 век.
Во 1971 година Арбус се самоубила. Една година по нејзината смрт, таа станала првиот американски автор чии дела се нашле на Венециското биенале, најпрестижната изложба на современа уметност во светот.
Беренис Абот
Родена во САД, Беренис Абот почетоците од својата кариера ги посветила на театарски студии и студии по скулптура во Њујорк, Берлин и во Париз. Во овој период остварила конекции со Марсел Дишан и Мен Реј, моќните икони на американската авангарда. Со ова, Абот брзо се претвора во витална врска меѓу уметничките кругови на Париз и Њујорк.
Во 1923 година Абот почнала да работи како асистент на Мен Реј, кој инсистирал на помошник без претходно познавање на фотографијата. Импресиониран од нејзиниот талент, Реј ѝ дозволил да го користи студиото за нејзини сопствени потреби, што ѝ овозможило на Абот да почне да се етаблира како самостоен уметник и подоцна да отвори свое студио во Париз. Во фотографијата се пронашла веднаш и знаела дека тоа е она што сака да го прави до крајот на животот.
Нејзиниот опус содржи значајни портретни фотографии од личности од литературниот и од уметничкиот свет, вклучувајќи ги и оние на Џејмс Џојс, Едвард Хопер и Жан Кокто.
Во студиото на Мен Реј, Абот за првпат се среќава со фотографиите на Јуџин Атже, човекот што со својата камера системски ја документира трансформацијата на ликот на Париз. По неговата смрт во 1927 година, ги откупува речиси сите негативи и принтови од неговото студио и ги враќа со себе во Њујорк. Покрај сопствената работа, до крајот на својот живот Абот се посветила и на промовирање на делата на Атже. Благодарение на нејзиниот труд, архивирање и зачувување на неговото творештво, наследството на еден од најважните фотографи на француската уметничка сцена успева да преживее.
По враќањето во Њујорк во 1929 година, Абот во градот го препознала неговиот потенцијал за документарна фотографија, и инспирирана од работата на Атже, детално почнала да ги фотографира улиците и архитектурата на Њујорк. „Changing New York“ e драстично различен проект од нејзината претходна работа, но е еднакво релевантен и од огромно значење за градот што постојано се менува.