Оваа книга пред сѐ е замислена и реализирана како хуманитарен проект за собирање на донаторски средства за поддршка на обесправените жени-работнички во Северна Македонија. Со секој купен примерок истовремено се придонесува кон работата на здружението „Гласен текстилец“ од Штип, чиишто активности се насочени кон подобрување на условите на работничките во текстилната, кожарската и чевларската индустрија. Од друга страна објавувањето на книгата на англиски јазик ја подвлекува важноста на интернационализирањето на проблемот и создава поголем простор во кој би одекнал гласот на овие жени надвор од нашиот локален контекст.
Книгата содржи 15 сведоштва на жени-работнички претежно од текстилната и чевларската индустрија, но и од други економски сектори, придружени со цртежи изработени од авторката. Пристапот на Божурска во книгата е новинарски, преку собирање на автентични изјави на работничките. Во таа смисла, 15 Horror Stories by Women Workers на Кристина Божурска носи естетика на симболичен памфлет кој ги шири гласовите на овие жени и развива можност уметничкиот ангажман да добие нова, промислена форма и реално да придонесе во проблемот кој го третира.
Активизмот и борбата за работничките права е една од главните и најзначајните борби за еднаквост и праведен однос кон сите граѓани и секаде во светот, не само историски гледано, туку и во денешниот момент. Гласовите на работничките од Северна Македонија говорат за проблеми, неправди, трауматични приказни кои се разбирливи и горливи и на меѓународно ниво.
Предлогот за овој проект-книга беше избран за победник на првиот отворен повик (2019) за Emerging Concepts Edition, со тематски фокус на феминистичка или квир уметност или критика.