Како таков, Драги ни одговори на неколку секојдневни прашања, кои најдобро би се класифицирале како комбинација на #mondaymotivation и #stayhumble 🙂 Читнете.
Доколку си прв на ред да поминеш под семафор, шансите тој зад тебе да свирне 0.01 секунди по појавување на зеленото светло се 100 наспроти 1. Распространетоста на социјалните мрежи, константниот прилив на информации, намалената face 2 face комуникација, изолација… трпеливоста кај луѓето и распонот на внимание се близу до непостоечки. Се отсликува ли ова во креативноста и работата на музичарите/музичките работници? Како се справуваш ти со ова?
– Најпрво би си ветил дека јас тоа нема да го правам, ќе си почекам барем малку, пред да свирнам, како што еден професор на факултет секогаш викаше – patience, virtue. Истото важи и за креативноста, трпение – кога не доаѓа, дозволи ѝ да дојде. Воедно, единственото нешто што ние можеме да го направиме е да дојдеме до состојбата во која таа би се појавила, така што би рекол дека секако, сето ова што во последно време се случува, се отсликува врз сите. Ние музичарите не сме исклучок.
Мислам дека на нас е да најдеме начин да се оттргнеме од сето тоа. Пред некој период научив нешто ново, што се вика предозирање од допамин, што во принцип значи дека мозокот е спржен од него и многу е тешко да се натераме да направиме нешто предизвикувачко. Има многу начини како се случува ова, најчесто е од премногу користење социјални мрежи, константен прилив на информации – како што и ти кажа, играње игри и сѐ што е поинтересно од вистински работење на тоа што е битно, што посебно сега, со сета изолација и полициски часови, е многу лесно да се падне во таа замка.
Имам и јас периоди кога заглавувам, а најлесниот начин за да се справам е да си дозволам да ми стане досадно или, пак, да направам допамин детокс. Едноставно, прекинувам да ги правам сите работи што ми носат премногу „задоволство“, како играње игри, скролање на Инстаграм и на Фејсбук и гледање премногу Јутјуб-видеа и ги заменувам со читање, пешачење и повеќе музика.
Отсекогаш ме интересирало како оние што имаат техничко и теоретско познавање во музика (и се разбира, процесот на нејзиното создавање) успеваат да уживаат во едно дело? Mожноста да реконструираш – секогаш blessing или некогаш и curse?
– Уф, мислам дека ми ги читаш мислите, затоа што нема ден откако го правев овој муабет со Мартина. Искрено, не знам кога последно сум уживал вистински. Нешто што спомнав во тој муабет е дека речиси е невозможно да не стигне информацијата за што се случува во музиката пред тоа како ми прави да се чувствувам. Меѓутоа, мислам дека и тоа е еден вид свесност што треба да се има, да се знае дека можеме да одлучиме дали ќе анализираме или, пак, ќе дозволиме да допре музиката до нас прво, а потоа да направиме деконструкција зошто тоа се случува. Да одговорам, дефинитивно повеќе curse, ама работам на тоа хаха.
Самодовербата е кардинална карактеристика кај тие што создаваат за туѓи очи и уши. Што во периоди на ниска самодоверба? Дали треба да се потпреме на туѓ фидбек (било тој на соработници, пријатели или фанови) или треба да изградиме систем на самоуверување што се базира на некоја блага форма на егоизам?
– Константно сум во фаза на ниска самодоверба, хаха! Мислам дека целта е да се биде во состојба на flow, или како и да си ја објаснуваме. Мислам дека во тој момент не постои самодоверба или, пак, каква било несигурност, едноставно тек на чувства и мисла, кога вистински не си стоиме самите на патот, не постои ништо освен тоа пред нас. Доволно пати сум бил во таа состојба за да знам дека сѐ додека сум таму и работам во таа состојба, не можам да згрешам.
Следно е дефинитивно група, макар и еден човек, кој знаеш дека секогаш ќе биде искрен со тебе, кога е лошо, лошо е – кога е добро, you guessed it, добро е. Од друга страна, што е навистина добро, а што лошо? Најбитно е прво ние да сме задоволни од тоа што сме го изработиле, па потоа другите.
Последно, дефинитивно никаков егоизам, flow и егоизам не функционираат заедно.
Перфекционизам во секојдневниот живот и во уметноста: која е линијата меѓу продуктивност/ефективност и реална препрека?
– Перфекционизам е само начин да се прикрие несигурност, таа дефиниција најмногу ми се допаѓа. А, и онака, што е перфектно?
Мислам дека кога ќе се заменат прашањата како „Дали е ова добро?“ и „Дали е перфектно?“ со „Што сакам да постигнам со ова?“, „Какво чувство сакам да создадам?“ и „Како сакам јас и другите околу мене да го перципираат ова што го правам?“, тогаш патот се отвора за нешто да биде завршено најдобро и најбрзо што може.
Вистинската и единствената препрека ни е во главата и како ние гледаме на работите.
Што е за тебе искрен музичар, искрена музика?
– Мислам дека се сведува на три работи: што, како и зошто. Што е секако музиката, како, секој на свој начин, и на крајот останува зошто, нештото што мислам дека сите најчесто го забораваат.
Кога некој има добро „зошто“ и го прави тоа со добра намера, неизбежно е дека ќе биде и искрен и ќе прави искрена музика, а најубаво сето тоа се чувствува со интуиција.
Како што вели Квинси Џонс: „Твојата музика може да биде само толку добра колку што ти си добар човек“. Мислам дека какви сме како луѓе се прелева во сѐ што правиме и другите го чувствуваат тоа.
Рутина и организација или наплив на емоции и креативен хаос?
– Поединечниот перфектен баланс помеѓу двете. Сум пробал да бидам и во двата екстрема и за мене тоа не функционира, едниот ме носи во тотален burnout, а другиот во секакви различни непријатни емотивни состојби. Секој треба да си го најде својот баланс.
Би рекол нека изгледа тоа како тотален хаос однадвор, сѐ додека си знаеме ние самите што правиме.
Во studio booth или на продуцентско столче?
– Кога работам сам, што е поголем дел од времето, сум и двете. Еден момент – снимам гитара, во следен – едитувам, така што искрено тешко ми е да одлучам, може двете сепак, хаха?
Рецепт за успех…
– Прашај некој друг, хаха! Најверојатно, пак ќе се вратам на што, како и зошто. Најчесто забораваме зошто, ама во овој случај, барем јас, често сум заборавал и што. Што е успех за тебе, како ќе знаеш дека си успеал и зошто е тоа успех за тебе и зошто го правиш тоа?
Ако вистински сакаш да правиш нешто, кога ќе стане тешко, нема да се откажеш. Тогаш, само останува да правиш и да учиш како тоа подобро да го правиш секој нареден ден.
Најдобра инвестиција… ( не мора да е финансиска :))) )
– Времето што сум го потрошил/искористил да свирам, still paying dividends, хаха. Дури и интервјуво, секоја одлука што само времето ќе ни каже каде ќе нѐ однесе.
Како млад музичар, најдобриот совет што некој ми го дал е….
– Не знам дали е најдобар, ама прво на ова ми текна: „Не се стреми да стоиш зад твоите идоли, стреми се да стоиш рамо до рамо со нив.“
А, најдобриот совет што можам да го дадам на млади музичари е….
– Мислам дека доста се изнакажав веќе, хаха, ама еве уште едно нешто. Ако можеш да се замислиш како го правиш ова, и кога би имал сѐ и ништо на светот, на прав пат си. На крајот од денот, сѐ што ни останува е да уживаме во процесот. Ако сме мизерни додека го правиме тоа, никогаш нема да сме задоволни и секогаш ќе го бркаме следното нешто што ќе ни направи да се чувствуваме подобро. Следното, и следното, до бескрај…
Миа Милошеска