За фадото се вели дека ја претставува душата на Португалија и романтичарски се верува дека е родено на бродовите упатени кон непознати мориња, исплетено од носталгијата на морнарите што страдале по својот дом и по напуштените љубови. Строгата и прецизна историја, пак, се сомнева во ваквите занесенички корени на фадото и нуди неколку теории, имено дека зачетоците на фадото може да се најдат на сиромашните лисабонски улички во триесеттите години на деветнаесеттиот век и дека најпрвин било тесно поврзано со проституцијата и со боемскот живот, постепено навлегувајќи во аристократските кругови некаде на крајот од истиот век. Други, пак, теоретизираат дека фадото потекнува од португалските Роми, Арапи или дека е музичка оставина на африканските робови препродавани во Бразил.
Како и да е, не може да се замисли прошетка низ Лисабон во жолтиот трамвај со број 28, ниту пак разглед на прочуената Алфама или дури една голтка од португалскиот ликер од вишни Ginja, без да ви одѕвони рефрен на некоја од познатите песни на „кралицата на фадо музиката“ – Амалија Родригез. Во нив веднаш се препознава здивот на „saudade“ – чувството во кое е обвиткана целата идеја на овој музички израз. За чувството „saudade“ се вели дека им е познато само на Португалците, a на другите грубо им се објаснува како мешавина од носталгија, недостигање, меланхолија, љубовно исчекување, прифаќање на судбината и тага што не нуди горчина, туку мир. Некој дури запишал дека „saudade“ ја означува љубовта што останува кога некој си оди.
Настрана сонувањето. Според популарната модерна фадо-изведувачка Мариза (беше во Скопје на OFFest), младите Португалци го напуштиле фадото во седумдесеттите години од минатиот век, кога овој вид музика почнал да се поврзува со фашистичкиот режим во земјата предводен од Антонио де Оливеира Салазар и продолжен од Марсело Каетано, сè до неговиот крај со мирната револуција во 1974 година. Режимот на Салазар ги користел популарноста на Амалија Родригез и фадото како симбол на националниот идентитет во педесеттите и во шеесеттите, иако ги презирал. Салазар не можел да ги поднесе централната идеја за „saudade“ и носталгијата во текстовите, сметајќи ги за застарени. Во 1952 година, дури изјавил дека фадото го омекнува португалскиот карактер, ја цица цела енергија од душата и води кон инерција. Сепак, не можел да се избори со популарноста на оваа музика. Тогашната власт немала друг избор освен да го вклучи фадото во веќе скроениот националистички репертоар. Од друга страна, Амалија Родригез, иако била сметана за блиска до тогашната фашистичка власт, им помагала на антифашистичките организации и всушност така опстоила. Целосно рехабилитирана од политичка одговорност во 1999 година со прогласената тридневна жалост за нејзината смрт, Амалија Родригез останува најголемата ѕвезда и централната фигура на фадо-музиката.
Фадото сосема се обновило во периодот по националната катарза од фашистичкиот режим. Иновативниот музички израз на Амалија послужил како инспирација за цела генерација фадо-изведувачи. Португалскиот состав „Мадредеуш“ на чело со Тереза Салгеиро го одведе фадото на територијата на електронската музика, а песните што се поврзуваат со Амалија се изведувани и од Катја Гереиро, Маргарида Беса, Мизија, Дулсе Понтес, Ана Моура, Кармињо, Кристина Бранко и Мариза, која го прошири опсегот на фадото со музички влијанија од џезот, госпелот и класичната музика.
Ако случајно се најдете во некоја од тесните лисабонски улички или пак седите во некое кафуле во Порто и ги слушнете меланхоличните фадо-звуци, сетете се на легендарните португалски морепловци. Исто како и грчката ребетика, андалузиското фламенко или сефардската народна песна, и фадото ги истражува пространствата на човечката тага, недостигањето и невозвратената љубов. Зборовите се различни, а чувството е исто. Saudade.