„Солун, град на духови – христијани, муслимани и Евреи 1430 – 1950“ е возбудлива документарно-играна драма, развиена од Русомир Богдановски на основа на хрониката на познатиот историчар и професор Марк Мазовер, за животот и случувањата во градот Солун, во периодот од турското освојување во 1430 година па сè до Холокаустот и депортацијата на 45.000 солунски Еврeи во логорот Аушвиц. На 20.08.2018, оваа претстава во продукција на „Театарот на Навигаторот Цветко“ од Скопје, во режија на Слободан Унковски и со оригинална музика на Златко Ориѓански, за првпат ќе биде изиграна на Споменикот на слободата во Кочани.
Споменикот на слободата, подигнат 1981 година, претставува монументално дело на уметникот Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ.
Во неговата структура, потполно отворена кон природата и социусот, обликувани се сцена и театрон со очигледен потенцијал да биде користен за различни настани со перформативен карактер. Покрај тоа, споменикот е замислен да функционира и како простор за интеракција, живот и соживот со оние кои го населуваат во поширока смисла. Надвор од сценскиот аспект, споменикот како целина е замислен и како простор каде посетителите би можеле да го поминуваат своето време на различни начини: за средби, за одмор, разонода, за одржување на физичката форма. Постои уште еден аспект на споменикот, а тоа е да се искуси просторот како своевиден Акропол што бара една друга брзина, каде што човек може да биде истовремено вон времето, а сепак длабоко присутен, чувствителен и свесен за своето опкружување.
Со желба одново да се отворат постоечките и да се откријат нови перспективи кон можностите кои ги нуди споменикот за граѓаните на Кочани, но и секој друг кој го чувствува или би го почувствувал како свој, изведбата на претставата „Солун – Град на Духови“ на ова место претставува еден чекор кон остварувањето на намерата за повторно освојување и населување на овој простор на слободата и негова долгорочна ревитализација. Овој настан претставува прва отворена манифестација произлезена од истражувањето спроведено во изминативе месеци, кое цели кон подлабоко разбирање на причините поради кои овој простор, и покрај својата хумана димензија, беше подолго време препуштен на негрижата и притисокот на времето. Соочени со опасноста која доаѓа од глобалните тенденции на отуѓување, спротивни на погледот на светот во кој заедништвото, толеранцијата и љубопитноста се клучни, преиспитувањето на објектите како овој споменик, кој претставува важна референца од нашето блиско минато, станува сè порелевантно прашање. Од кревката позиција на општество кое веќе подолго време се бори со ерозијата на вредносните системи и фундаментални егзистенцијални проблеми, се јавува итност да се интервенира во оваа негова состојба во која се рефлектирани и содржани години колективно искуство.
Подлабокото разгледување на оваа тема и на можностите кои самиот физички објект ги нуди од денешна гледна точка, можат да резултираат со нови, разновидни и динамични форми на комуникација и животни практики. Така, враќањето на Споменикот на слободата на културната, урбаната и менталната мапа на градот, заедно со пораката дека борбата е постојана и дека таа никогаш не ја губи смислата, станува симболичен чин на отпорот против разорната моќ на апатијата. Кочани, кочанчани и Споменикот на слободата, на еден или друг начин се врзани во своите животи и приказните кои заедно ги создаваат. Овие приказни, како и сите приказни воопшто, имаат свои предизвици, но паметат и голема среќа. Во име на таа среќа, обично и се мобилизираат луѓе кои веруваат во лековитата моќ на соживотот и грижата за сопствената средина. Акциите спроведени околу Споменикот на слободата во последно време и енергијата која произлегува од овие разновидни соработки каде групи и поединци ги вложуваат своите вештини, знаења и надежи, зборуваат за волјата да се негува животот и покрај околностите. Амбивалентноста впишана во споменикот, сировата убавина која проектира дрскост што истовремено плени со искреност, признанието дека болката и среќата се неминовно испреплетени и дека тоа не е поразително, продолжува да биде благородна и да одекнува со својот потенцијал. И затоа е важно одново да се освои просторот кој го сугерира Споменикот на слободата, простор кој всушност далеку ги надминува неговите физички граници.
Настанот е организиран во соработка со општина Кочани и поддржан од фондацијата Friedrich Ebert од Скопје.