Се запрашавме каква е модерната архитектонската еволуција на верските објекти низ светот и наидовме на интересни податоци. Многу од нив успеале да ги победат догмите и да се материјализираат во реалноста, зачувувајќи ги клучните правила и духот на религиите на кои им се посветени, а дел засекогаш ќе останат само убави идеи. Во морето прогресивни и современи дизајни, ние се одлучивме за следниве пет:
Лотосовиот храм во Делхи
Важи за еден од најпосетуваните храмови во светот. Се состои од 27 мермерни плочи во форма лотосови ливчиња. Храмот има девет влезови кои ги симболизираат деветте анатомски отвори во човечкото тело, и е опкружен со девет езера и градини. Лотосовиот храм е еден од седумте светски храмови посветени на религијата Баха’и, концепт кој ги вклучува сите религии на светот во едно. Пропагирајќи ја единственоста на идејата за постоење на Бог, Лотосовиот храм ги отвора вратите за сите, независно од националноста, полот, родот, конфесијата, расата…
Education City џамијата во Доха
Оваа фасцинантна џамија брзо стана новиот врв во неверојатниот градски хоризонт на Доха. Двете минариња се издигнати на висина од 90 метри и секако, насочени кон Мека. Внатрешноста е изгравирана со стихови од Куранот. Џамијата почива на пет главни структурни столбови кои ги претставуваат петте столбови на исламот. Од околните градини кон зградата течат четири извори со вода (вино, млеко, мед и вода). Оваа модерна градба веќе претставува голема инспирација за слични проекти во муслиманските градови од целиот регион.
Протестантската црква во Хараџуку
Шесте сводови и камбанаријата на протестантската црква во Хараџуку ја симоблизираат важноста на седумте елементи, седумте денови на создавањето и седумте цркви на Ориентот. Архитектите сакале да го доловат впечатокот на отворено библиско небо од кое ќе се спушта светлина врз верниците. Нежно заоблените сводови се дизајнирани за да се постигне фина акустика, и исто така треба да потсетуваат на рака која се спушта над толпата што ја посетува црквата.
Ват Ананда Метијарама во Сингапур
Новиот блок на овој будистички храм го означува раскинувањето со традицијата во градењето на храмовите. Идејата за проширувањето на храмот била да се зачува суштината на будистичката традиција, но не и нејзината физичка форма. Дизајнот на зградата реферира на Боди дрвото под кое Сидарта медитирал и достигнал просветлување, со триаголни отвори кои треба да ја доловат сликата за светлината што се провлекува низ листовите на дрвото.
Синагогата во Улм
Во 2009 година градот Улм организирал натпревар за најдобар дизајн за повторна изградба на синагогата која била уништена во озлогласената Кристална ноќ во 1938 година. Големиот прозорец со Давидовите ѕвезди ја изразува насоката кон Ерусалим, светиот град на јудеизмот. Целиот простор наменет за локалната еврејска заедница и синагогата се вклопени во елегантната, ненаметлива структура: фоаје, синагога, Миква, салата за состаноци, училиштето и административните простории, а тука е и дневниот центар за деца со внатрешна игротека.