Нашиот нов провокатор Вули Абази реши својот спотлајт на PopUp да го искористи за да ни го доближи познатиот холандски илустратор, сликар и аниматор Пара. Знаеме дека без разлика дали Пара дизајнира облека, црта, слика, анимира или прави скулптури, неговиот енигматичен и заводлив стил му пркоси на секаков обид за категоризација. Навидум едноставен, но само навидум.
Холандскиот графички дизајнер и илустратор Питер Јансен, попознат како Пара, неколкугодишниот прогресивен уметнички успех го нарекува „лудо возење“ затоа што изгледа дека, каде и да стави свој потпис, тоа веднаш станува супер-познато!
Пара раскажува како од скејтбордер што започнува со изработка на летоци и постери затоа што му е потребна работа, неочекувано стигнува до соработката со Foot Locker, која може да се нарече отскочна штица во неговата кариера. Во 2007 година со брендот Etnies ја има првата соработка, за понатаму гордо да ги споменува соработките со брендови како Vans и Nike.
Најскапиот модел на добропознатите Air Max патики на Nike се направени во соработка со Пара. Пара дизајнираше неколку модели на обувки за Nike, кои станаа екстремно популарни и покрај високите цени од неколку илјади евра.
Член е на познатиот холандски поп-бенд LeLe, чиј видеозапис за песната „Breakfast“ го направи токму тој, а и албумските дизајни се изработени од него.
Пара започнува како соосновач и креативен раководител на брендот Rockwell Clothing, кој во 2015 година беше преименуван во By Parra.
Уметноста на Пара денес е сè поприсутна и сè пофасцинантна. Неговиот препознатлив стил можете да го видите на маиците што ги изработува, на капи, скејтборди, скулптури, слики, мурали, арт шоуа, амбалажи и на што ли уште не. Но смета дека сè додека седи и гледа во празен лист хартија пред себе, нема да се роди нова идеја. Идеите се процесираат во неговата глава па добиваат облик кога излегува на прошетка низ Амстердам, каде што и живее, кога ја слуша Кејт Буш, која можеби е инспирацијата за многубројните нацртани женски ликови, кога гледа ТВ, кога сонува, затоа што смета дека и преку сонот пристигнуваат неговите хибридни суштества.
Честопати реченици или делови од реченици испеани во песни или кажани во некои глупави филмови, прават вистински клик и спој со некоја негова илустрација. На овој спој, секогаш генијално се вклопува неговата оригинална типографија создадена од него во недостиг на замислениот фонт при изборот на веќе постојните.
Ако го прашате Пара зошто на неговите слики најчесто се присутни полнички жени со клунови и преовладуваат светли бои, ќе ви одговори дека можеби за обликување на неговиот стил влијаел неговиот татко кој е сликар, а можеби боите што ги избира се последица од периодот кога имал 12 или 13 години и се восхитувал на „американо стварите“ какви што се скејтбордингот и поп-културата. И покрај тоа што жолтата боја спаѓа во светлите, сепак не ја користи често затоа што не ја сака, чувствува „болка“ кога ја гледа. Вели дека исто ја доживува и зелената.
Со желба да создаде долговечен анимиран лик што нема да биде досаден и реалистичен, на своите суштества им додава клунови и покрај тоа што на овој начин е потешко очите да ја манифестираат емоционалната состојба. Клуновите се всушност маски, тоа се луѓе со маски, тоа се разголени дебелки жени, на кои им става маски затоа што не би сакал да ги навреди откривајќи им го идентитетот.
Пара објаснува дека нема секогаш инспирација да создава, понекогаш едноставно се чувствува беспомошен, а другпат следуваат периоди на експлозивна енергија и креативност. Тоа се периодите кога создава извонредни слики, кои речиси секогаш содржат доза на хумор затоа што Пара ги сака комичните ситуации и смета дека хуморот треба да биде присутен во тоа што го создава.
Се чини дека уметноста на Пара се движи како голем и силен бран, кој пристигнува секаде побрзо од што се очекува. Досега остварил многу изложби низ неколку континенти, станал член на музички бенд, основал моден бренд и го живее својот сон, малку вознемирен од надминувањето на сопствените очекувања.