Во изминативе две недели, во слободното време и во паузите меѓу работните обврски и настаните со кои беше преплавено Скопје, Офејгур Сигурдсон ме поведе на необично книжевно патувањe до вулканските предели на јужен Исланд. Очекувајќи го неговото гостување на Фестивалот на европската литература Bookstar, книгата „Сага за Јон“ во издание на издавачката куќа „Aнтолог“ ми отвори перспективи и прашања за епистоларната форма во која е пишувана, за деталите и реалистичноста на описите на начинот на живот и настаните што датираат од пред три векови. Во дождливото скопско претпладне, во книжарницата на „Антолог“ опуштено разговаравме со познатиот исландски писател. Му велам: „За Исланд многу се зборуваше во 2008 година кога земјата беше погодена од економската криза и невработеноста се искачи на 9%. Европа се потресе, а ние на Балканот се чудевме бидејќи кај нас невработеноста во нормални услови изнесува 30%.“ А Офејгур се смее и одговара: „Требаше да ме подготвите за овие нови градби во центарот на градот. Се изненадив.“ Откако ми кажа дека му е мошне интересно нашето „трагање“ по идентитетот, сосема спонтано разговорот го насочивме кон неговата работа, неговите животни искуства и културните специфики на Исланд, со кои можете да се запознаете во неговата книга „Сага за Јон“ – добитник на Европската награда за литература во 2011 година.
Во еден дел од книгата, главниот лик Јон вели дека често го обзема чувство на меланхолија: „тоа е најраспространетата емоција на Исланд, депресија што побарува депресија… би рекол дека меланхолијата е нордиска тага, болна благост или тажна радост, тогаш сонцето поцрнува“. Како Исланѓанец, како најпластично би му ја доближиле таа состојба на меланхолија на еден странец?
Во книгата, меланхолијата го претставува длабокото копање навнатре, во себеси, во сопствената темнина. Главниот лик Јон и неговиот брат Торстејн поминуваат две години во пештера поради ерупцијата на вулканот Катла, и тоа неминовно е поврзано со темнината на зимата, пепелта од кратерот и стравот од надоаѓачката лава. За Исланд во книгата се вели дека е каменеста, ридеста земја, полна со глечери, ненаселени висорамнини, пештери и пустелии, особено во својата срцевина. Но во романот, темнината не е само надворешна, таа е присутна и внатре во личноста на Јон, кој е обвинет за убиство. Значи, меланхолијата доаѓа од сите страни. И денес, тешко е да се навикнете да живеете со само неколку часови дневна светлина. На многу места луѓето не го гледаат сонцето три или четири месеци. Тагата поврзана со недостигот на сонце и студот е познато чувство за нас, Исланѓаните.
Како течеа подготовките за писателскиот потфат „Сага за Јон“, кој ви ја донесе престижната Европска награда за литература? Дали го истражувавте вулканскиот регион Катла каде што е сместено дејството?
Да, го познавам тој регион многу добро. На некој начин може да се каже дека имав среќа бидејќи во 2010, кога ја пишував книгата, баш за време на поглавјето кога Јон раскажува за пепелта од вулканот што ја опсипува околината, на Исланд имаше ерупција на вулканот Ејафјалајокул, која предизвика шестдневен прекин на сите авионски летови. Тогаш си реков: „О, не, каков кич, книгата ќе ми биде туристичка атракција поради ова“ (се смее). Но, навистина, тогаш искусив што значи да бидеш прекриен со огромно количество пепел. Седнав во автомобилот и возев среде облакот од пепел и отидов во пештерата каде што престојувале моите ликови за време на ерупцијата во 18 век. Го доживеав токму истото искуство на своја кожа.
Како тргнавте по историските траги на свештеникот Јон, кој има и силна религиозна димензија на Исланд? За него е врзано верувањето дека со својата духовна моќ ја запрел лавата од ерупцијата на Катла во 18 век.
Никаде во книгата не го спомнав неговото презиме, но да, Јон Стеингримсон е реален историски лик, свештеник што има напишано фантастична автобиографија во 18 век. Во тоа дело има период од две години што недостига во описот. За тој период тој зборува малку, за жена му Торун која е бремена, за обвинувањата дека го убил нејзиниот прв маж и за детето што го очекуваат… Тоа ме заинтригира па почнав да истражувам во историските архиви и дојдов до податокот дека тој и брат му се затекнале во пештера, во една од најужасните зими во историјата на островот, и дека пишувале додека престојувале таму. А во врска со веродостојните описи на апокалиптичната зима и вулканската ерупција, можам да ви кажам дека сум љубител на катастрофи (се смее). Ги истражував и записите на локалните земјоделци, кои грижливо собирале податоци за ерупциите и поплавите, и сето тоа ми послужи во описите од книгата и лоцирањето на историскиот Јон.
Имате интересна животна сторија, сте работеле како ноќен чувар во хотел и како физички работник на пристаништа… На кој начин таа мешавина од различни искуства ве обликуваше како автор?
Точно. Секогаш е добро да се имаат искуства од различни области. Променив многу работни места бидејќи многу лесно ми здосадува и брзо сакам да излезам од матрицата на повторувањето. Можеби затоа моите романи се толку драстично различни еден од друг, на пример „Сага за Јон“ има историска тематика, а следниот има современа. Јас дури имам работено и во фабрика за преработка на месо, па напишав роман и за тоа. Различните искуства не можат да бидат лоша работа, во никој случај. Писателот вешто треба да ги собира.
Покрај петте романи, вие исто така сте и поет – лидер на движењето што се обидува да ја реконструира исландската поезија, со седум објавени стихозбирки зад себе. Како вие, лично, го правите тој преод меѓу пишувањето проза и поезија?
Започнав како поет. Пишувам поезија од тинејџерска возраст. Мојата првообјавена книга во 2001 година беше поетска. Бевме група поети што патуваа ширум Исланд, правевме поетски забави со диџеи и поетски читања, и многу пиење…
Вистинска интерактивност 🙂
Да, токму така (се смее). Откако го објавив мојот прв роман, на некој начин поезијата исплива на површината и се измеша со прозата. Ако треба да опишам, мислам дека поезијата и прозата кај мене се наоѓаат во сосема различни делови од мозокот. Додека пишувам проза, многу малку се занимавам со поезијата. Во последниве десетина години сум фокусиран на фикцијата. Исто така, пишувањето проза или поезија зависи и од она што го читам во моментот. Сето тоа тоне во мене, сè до моментот кога на површината не изнесам нешто што е автентично и мое.