Новосадскиот дизајнер Марко Ољача ќе биде еден од учесниците во изложбениот дел на осмото издание на Skopje Design Week. За себе вели дека е главно фокусиран на дизајнот на производи, а има освоено и неколку регионални награди. Меѓу нив значајно е да се спомне дека на фестивалот „Миксер“ освоил четири награди за два производа во категоријата „Нов производ“, а на Belgrade Design Week влегол со производот под назив KLS ламба кој бил рангиран меѓу првите три дизајни. Тоа било пресвртница во неговата работа и оттогаш работи со локални производители на мебел, иако и понатаму развива други проекти како слободен дизајнер. Особено ми го задржа вниманието тоа што во својата биографија Марко Ољача вели дека преку дизајнот трага по среќа.
Кога прочитав дека твоите продукти се последица на следењето на една посебна философија на среќата, веднаш се потсетив на философската школа на стоицизмот. Според стоиците, доблеста е доволна да се постигне среќа, а најдобрата индикација за нечија индивидуална философија не е она што личноста го зборува, туку начинот на кој се однесува. Можеш ли да ја објасниш твојата лична философија на среќата кога станува збор за твојата работа?
Кога размислувам за нешто што на некој начин ме опседнува, а тоа секако се архитектурата и дизајнот, едноставно се чувствувам среќно. Потребата за такво размислување потекнува уште од основно училиште, од петто одделение. Како помал, често се селев со моето семејство. Целата таа ситуација ме наведе да почнам да размислувам за куќата како поим. Сакав да се задржиме на едно место, за кое ќе можам да кажам дека е мој дом. Тоа не се случи, а јас продолжив да размислувам. Денес, кога ова е моја професија (иако сè уште само си играм), кога ќе дојдам до нешто по кое трагам, низ облик или функција, на крајот од тој процес за момент имам чувство дека го губам обликот. Токму на тој начин, слободата многу повеќе доаѓа до израз.
Дали некогаш си морал да ја жртвуваш естетиката или дел од неа, со крајна цел производот да биде пофункционален? Тешко ли е да се постигне тој баланс?
Ако се размислува исклучиво само за обликот без функцијата, секако тоа не би било дизајн и би можело да се нарече само обликување. Да се дизајнира значи дека нешто треба да работи, а за да работи – обликот и функцијата мора да бидат во меѓусебна хармонија. Мислам дека тоа е тешко да се постигне ако резултатот што сакате да го добиете е креација што на прв поглед би била многу едноставна, односно до тој степен совршена што нејзината изработка би барала минимална употреба на материјал.
Ајде за момент да претпоставиме дека не си Марко. Ајде да претпоставиме дека си му професионален следач, набљудувач што внимателно ги опсервира неговиот креативен процес и неговата работа од зачетокот на првата идеја па сè до финалниот продукт. Кажи што гледаш.
Убаво прашање. Додека работам, додека сум во процесот на креирање и создавање нешто, се обидувам да излезам од себеси и да го согледам просторот каде што лежам и размислувам, а и самата идеја. Моите проекти настануваат навечер, кога одам на спиење. Најдобро размислувам кога ги затворам очите, бидејќи тогаш нема предмети што можат да ми пречат и да ми го одвлекуваат вниманието. Тогаш ги обликувам и средбите, настаните, ситуациите, согледувам каде постои некој проблем што би можел да се реши преку архитектурата или дизајнот. Во последно време таа технологија сè повеќе ме интересира. Сигурен сум дека ќе се занимавам со неа во наредниот период. Подоцна тие импулси преминуваат на хартија во форма на линии или склоп од линии. Секако 3Д-моделирањето и прототипот се нешто што не може да изостане, а конечниот производ е последица на сите тие фази односно последица на патот кон среќата.
Како ги избираш материјалите за твојата работа? Дали понекогаш тој процес се судира со концептот на заштита на животната средина и одржливоста?
Сметам дека сè што постои е дел од природата, па така, според мене, употребата на кој било материјал не може да биде надвор од таа хармонија. Она што може да биде надвор од неа е нашиот однос кон животниот циклус на некој материјал. Верувам дека сè што се наоѓа околу нас – и она што го гледаме како позитивно, и она што го гледаме како негативно – е некој вид дар. Со некои дарови сме научиле како, а со некои можеби никогаш нема да научиме. Мислам дека станува збор за општа перцепција, која е тесно поврзана со интелигенцијата.
Постојат ли продукти што веќе ги имаш в глава како чисти апстрактни идеи, продукти за чие производство ти недостигаат време или ресурси?
Никогаш не смееме да кажеме дека немаме доволно време или ресурси. Ако немаш доволно време за нешто, значи дека тоа не ти е важно, ако немаш доволно ресурси, значи дека не ти е важно да ги пронајдеш. Ако немаш доволно време – креирај време, ако немаш доволно ресурси – креирај ресурси. Всушност, најдобрите идеи се апстрактни, постојат некаде, но потребен е обемен мисловен процес да се обликуваат во нешто што е извoдливо и потребно. Денес работам на креирањето сопствен бренд, кој треба да донесе некои промени на пазарот на полето на технологијата. За мене тоа во основа е апстрактна работа. Се надевам дека за ова ќе можам да кажам повеќе за една година.
Ќе бидеш дел од изложбите на овогодишното осмо по ред издание на Skopje Design Week. Кажи ни нешто околу тоа.
Освен трите предмети што ги изложувам, а тоа се трпезариска маса, клуб маса и подна ламба, би сакал изложбата да се протолкува како посветеност на еден цел тим во создавањето производи од дрво. Изложувам дизајн, технологија на обработката, дрво, време, идеи, разговори, облици, љубов и, секако, среќа.