1973 година. Телефонот ти ѕвони. Креваш, ти се јавува Дејвид Боуви и те кани да им се придружиш на The Spiders From Mars, и да одиш на турнеја со него. Ти објаснува дека има фобија од летање со авион, па затоа патувањето ќе биде со брод од Лондон до Њујорк, и од Лос Анџелес до Јапонија.
Потоа, од Јапонија до Русија, па со Транссибирската железница до Москва, сè до Париз и Рим. Ова не е фантазија, туку вистинска случка од животот на Џеф Мек Кормак, стар школски другар на Боуви којшто продавал рекламни места за огласи во лондонски весник, кога ја добил оваа неверојатна покана. За среќа, Мек Кормак (којшто сега работи како писател, продуцент и фотограф) со себе го зел и фотоапаратот и ја документирал „забавата што траела три години“.
Некои од фотографиите на Мек Кормак се толку добро познати и толку успешно вградени во културната свест на денешницата, што навистина е лесно да се заборави дека воопшто некој стоел зад фотоапаратот кога биле направени. Помалку препознатливите фотографии, пак, ни дозволуваат да ѕирнеме во светот на едно несфатливо суштество, оној другиот, релаксиран Боуви, без поза и гард. Еве ги приказните на Џеф Мек Кормак за секоја од овие интимни фотографии од заедничкото патување на двајца пријатели.
Во транссибирскиот експресен воз, 1973
Дејвид спие после долга пијана ноќ, некаде на Сибир во 1973. Пиевме евтин ризлинг и пиво со група војници што ги запознавме претходната вечер. Тие беа пријателски настроени и поставуваа прашања за животот на Западот. Ги прашавме што прават во армијата, а тие ни рекоа дека биле единица за градежни работи. Од прозорецот може да се забележи пустиот сибирски пејзаж.
Пред транссибирскиот експресен воз
На пат кон Лондон од Јапонија, само што го зедов Nikkormat апаратот со помош на јапонскиот фотограф Масајоши Сукита. Тоа беше мојот прв пристоен апарат. Со оглед на тоа дека не знаев како работи апаратот, горд сум барем на добрата композиција на фотографијата. Ми се допаѓа и тоа што иако Дејвид позира, сепак фотографијата изгледа природно. Потоа, Дејвид ме фотографираше мене на истото место. Верувајте ми, мојата фотографија е подобра.
Човекот што падна на Земјата, 1975
Многу ја сакам оваа спонтана фотографија од Дејвид. Направена е на крајот од еден посебно долг и исцрпувачки ден што го поминавме затворени на снимање. Ја направив меѓу клапите, само со еден извор на светлина и без блиц. Ми се допаѓа комбинацијата од бојата на неговата коса и портокаловиот отсјај што го дава ламбата.
Фентон Лејк, Њу Мексико
Кога ме откачија за улогата на дублер на Боуви во „Човекот што падна на земјата“, поради тоа што изгледав сосема различно од него, всушност ми направија услуга. Имав многу слободно време, па се дружев со мојот Nikon. Оваа фотографија од Дејвид ми е една од омилените. Особено ми се допаѓа бидејќи е сурово искрена.
Хамерсмит Одеон, Лондон, 1973
Дејвид со Ziggy шминка во 1973. Оваа фотографија е направена во Хамерсмит Одеон пред почетокот на последното шоу од турнејата. Дејвид читаше критика, а јас се прикрадов и ја направив фотографијата со зумирачки леќи, за да не го прекинам во моментите на мир. Уште се чудам колку беше спокоен само на неколку минути пред почетокот на концертите.
Човекот што падна на Земјата, 1975
Дејвид ужива во вицовите на филмската екипа, која главно беше составена од лондонски момци, секогаш расположени за шега. Мало парче од дома, среде пустината.
Сибир, Русија 1973
Оваа фотографија е направена порано, во транссибирскиот експресен воз. Нашиот дрес код брзо потоа драстично се промени, веќе после двата дена долго патување. Палтото на Дејвид е оригинал Freddie Buretti (неговиот личен кројач). Со неговата светло-црвена коса и неконвенционалниот стил на облекување, Боуви воопшто не се вклопуваше во суровото сибирско опкружување.
Пред транссибирскиот експресен воз
Некаде на некоја попатна станица. Патувавме во прва класа, верувајте ми не би сакале да патувате во втората. Секаде каде што застанувавме, се појавуваа луѓе кои продаваа разни домашни производи. Дејвид посебно сакаше да купува јогурт.