Голем број луѓе наутро поминуваат по скалите, влегуваат во зградата во близина на Ослободителите, се затвораат внатре во малите соби и таму веројатно работат нешто. Повремено го посетуваат ресторанот каде што доминира мирисот на свежо зготвена, пропржена храна и чорба со ситно исечкани парчиња зеленчук, излегуваат надвор и пушат цигари во полуотворениот простор помеѓу видливи челични конструкции. Некои работници имаат помалку среќа и се сместени во полутемни канцеларии, со ѕидови на кои не висат сцени што имаат моќ да озарат. Новинарите што често доаѓаат имаат пропусница само за еден дел од зградата. Сигурно љубопитните сакаат да ѕирнат и зад големите дрвени врати, но тоа е забрането од безбедносни причини. Иако исправена, со навидум строг и стабилен лик, зградата е несигурна и покрај зголеменото ниво на контрола. Свесна е за лажниот наметнат сјај и раскош. Особено се обидува да остане забележана ноќе, никогаш не може да заспие од силните рефлектори што ја осветлуваат од сите страни и ги откриваат сите нејзини пукнатини.
Ослободителите на градот стојат гордо на сопствената позиција. Најчесто се сами. Еднаш годишно, високопоставени лица пред нив се поклонуваат и положуваат свежо цвеќе, а во заднина оркестар изведува музичко дело прикладно на пригодата. Некогаш било полесно човек да се приближи до нив, тоа сигурно подобро го знаат граѓаните што живееле во Скопје во претходниот век и ученичките од гимназијата „Кралица Марија“.
Пред неколку години, поставувањето метална ограда околу зградата и споменикот оневозможи движење во близина на Ослободителите. Претходно, просторот пред зградата кон страната на булеварот го населија мермерни кипови од различни археолошки локалитети. Меѓу нив беше граѓанинот Тит Флавиj Орест, кој мигрираше од Хераклеја. Нивниот престој траеше кратко – сега се преселени во затворен музејски простор каде што можеби и остваруваат позначајна комуникација меѓу себе, а и со повремени посетители. Искрено, се сомневам. A на местото каде што стоеја скулптурите, под постојан видеонадзор патролираат полицајци или се разминуваат државни службеници.
Во воздухот наоколу лебди невидлива напнатост, напнатост што не е предизвикана ниту од жената што стои исправено со пушка во рацете, ниту од борецот што со едната рака придржува ранет соборец, а со другата фрла бомба.
Понекогаш посакував да ги прелетам металните решетки покрај Ослободителите и да го освојам заробениот простор зад белите ѕидови што веќе посивуваат. Еден ден бев многу блиску. Со силна намера и под речиси совршени околности, за момент помислив дека таа приквечерина ќе ги откријам сите познати и тајни коридори на зградата, ќе го забележам секој агол од каде што може да се набљудуваат реката и дрворедот покрај пешачката патека, ѕидините на Калето.
Попусто. Борецот што со пушка во рацете ги охрабрува соборците на јуриш ја има најдобрата позиција; од сосем неочекуван агол, неговиот поглед се протнува помеѓу боровите и жалната врба за да ја восприми Апотеозатa на трудот отаде Вардар.
Владо Данаилов (архитект)