„Њујорк тајмс“ го опиша како „уметникот со ангелски глас што ја лекува душата и ги отвора срцата“. Неговиот петти албум „Мелек“ ги собра највисоките оценки од музичката критика во регионот, а на него соработува со плејада врвни уметници, умешно спојувајќи го севдахот со џезот, па дури и со електронската музика (на албумот има преработка на песна од Жан Мишел Жар). Реткиот кастрато глас на ѕвездата на новиот севдах Божо Вреќо е само дел од извонредниот музичко-сценски пејзаж надополнет со родово флуидната појава, концертните изведби во a cappella, восхитувачките танци и питомата личност што разоружува со своите идеи и сфаќања на животот. Во овој разговор трагаме по изворот и координатите на музичката величина Божо Вреќо, имајќи го предвид неговото минато, растењето во завојуваното и конзервативно општество и соочувањето со средината исплашена од различноста на неговата (како што тој ја нарекува) дуалност… Нам ни се чини дека токму дуалната природа, токму мажот и жената што живеат во Божо Вреќо, ја дуплираат неговата големина и човечност.
Помислувајќи на завојуваната Фоча и на малата конзервативна средина во која сте растеле, неминовно се наметнува прашањето како успеала да изникне ваквата уметничка форма на Божо Вреќо што ја имаме денеска и колку болни удари морала да претрпи за да издишува со специфичен визуелен израз, оригиналност и моќ. Дали преку автентичниот глас и севдахот ја канализиравте сета болка на постоењето и дали така дојдовте во мир со себеси?
Сигурно, но знаете сето тоа всушност беше процес на растење, зајакнување, челичење и љубов кон самиот себе и сè она што претставува моја природа. Пораснав во Фоча, но на 18 години се преселив во Белград за да студирам и да се осамостојам. По завршените постдипломски студии по археологија, се преселив во Сараево каде што ја започнав мојата музичка кариера по студиозно проучување и собирање податоци за сето она што претставува, може и треба да биде севдахот, во мојата, сега веќе обемна архива. Тоа ме промени, низ целиот тој процес на прифаќање и охрабрување на сопствената дуалност, во тој вид музика јас ги пронајдов и своите стремежи и сето она што ме исполнува. Севдалинката за мене беше лек и само ѝ се препуштив да ме однесе со нејзината убавина таму каде што треба и таму каде што припаѓам. Бог ме сака и тој увиде колку ми беше важно и колку труд, талент, волја и непоколеблива надеж вложив во сето тоа. Чекор по чекор моите соништа станаа јаве. Станав човек што создава нов севдах и автентично е препознаен во масата други што имате можност да ги слушнете на полето на севдахот. Јас сум личност што може сè да поднесе, сета болка и сите страдања што ги преживеав, ги канализирав и ги преточив во моите песни. Сега не ме допира никаква љубомора и завист, до мене допира само љубовта. Јас сум над сето она што е грдо, создавам, патувам, пеам и го живеам својот живот со полни гради, онака како што сакам и чувствувам. Кога ќе го достигнете тој стадиум, тогаш сте среќни. Мојата сакана публика е секогаш со мене и со секој ден таа станува сè побројна. Јас сум човек-љубов и така и ќе остане.
Ја спомнувате вашата мајка како ваша муза, главната точка околу која ротира вашиот музички израз и сензибилитет. Со вашите сестри сте го поминале детството во некаков вид интимен матријархат, под нејзина целосна закрила, во семејна оаза каде што цветала вашата карактерна и уметничка посебност. Би било ли потешко доколку постоеше типична машка фигура во семејството тогаш, имајќи го предвид моделот на мачоистичката балканска доминација? Сте помислиле ли дека патот и борбата до она што сте денес во тој случај ќе беа поинакви?
Веројатно ќе беше многу поинаку. Јас рано заминав од семејниот дом и мислам дека тоа немаше толку да влијае врз мојот развој, карактерот, размислувањата и мојот идентитет. Мајка ми никогаш не сакала да ме менува и да ме прилагодува на конзервативното општество или да ме адаптира на каков било начин на некои правила што ги наметнувало таквото опкружување. Отсекогаш сум бил слободен да се истражувам на начин на кој сум чувствувал дека треба и секако тоа беше тежок, претежок пат, но издржав. Ја слушав мојата внатрешност и го пронаоѓав своето место секаде каде што живеев и се селев. Никогаш не се прилагодував на ништо што ја ставаше мојата слобода во некакви кодекси и норми, па со самото тоа, кога другите ќе согледаат дека тоа е вашата природна состојба на умот, а не преправањето дека сте нешто што не сте, тогаш и ќе ве прифатат такви какви што сте. Сè тргнува од стравот. Ако вие се плашите да бидете тоа што сте, луѓето ќе го почувствуваат вашиот страв и со сите сили ќе ве напаѓаат. Дури и во најтешките моменти кога ми се случуваа лоши нешта на емотивен план и настани што ме погодуваа и ме правеа ранлив, секогаш достоинствено сум се издигнувал над нив бидејќи тоа е одраз на манирите и воспитувањето, како и на карактерот, а по малку се должи и на детскиот инает да бидете уште подобра верзија од себеси и да не дозволите никој да ве повреди. Јас сум и силен маж и силна жена, силата е во тоа достоинство и добрина пред сè. Само љубовта и добрината се постулатите што одредуваат кои сте, што сте и каде сте тргнале во животот.
Вашата кантавторска нумера „Елма“ е посветена на шестгодишното девојче Елма со кое сте ги поминувале детските денови во Фоча. Нејзиното семејство во војната е убиено на куќниот праг, а таа искрвавила до смрт од прострелната рана низ устата, довикувајќи ја мајка си во последните моменти од животот. Божо, како се живее со тие звуци и слики, колкава ширина на духот е потребна за да се вградат во уметност, наместо во омраза?
Јас сум човек што има преживеано сешто, и снајпери и бомбардирања, воени години со страдања и глад. Сум се изнагледал и изнаслушал сè што вие никогаш не би ни помислиле дека може да постои во реалноста. И знаете што? Сè поминува освен сеќавањата. Тие сеќавања ги оживеав во моите песни, како во случајот со Елма. После многу години собрав сили и ги напишав текстот и музиката, сонувајќи ја Елма која насон ми рече: „Јас те слушам како пееш“. Се разбудив во солзи и тој текст излезе од нејзината болка што во тој миг истовремено беше и моја болка. Секоја деценија од мојот живот има свој патос и трагедија и тоа се чувствува и во моето пишување и во мојата интерпретација. Живеам создавајќи го тој карасевдах, но приватно сум исполнета, скромна и благодарна личност. Уживам во сето она што ми го дава животот и живеам баш за овој миг, без премногу минато и без премногу идно време. Живеам сега и убаво ми е, имам прекрасни пријатели ширум целиот свет, љубов, семејство, прекрасна публика… Сето тоа треба да се цени, а јас го ценам со целото срце и така црпам инспирација.
Вашиот петти албум „Мелек“ е синтеза од вокална харизма, инструментално шаренило и лични исповеди преточени во музика. Но, дали може да се каже дека оној Божо изземен од албумите, видеоспотовите и студиските верзии на песните, оној чистиот Божо што настапува пред публиката ширум целата поранешна Југославија и Европа пеејќи a cappella, e најблиска репрезентација на сржта и идејата на твојот уметнички хабитус?
За мене музиката е цел универзум, мојот микросвет што го отворам кон другите, па така тој се претвора во макросвет и во своевиден експеримент од жанрови што го опкружуваат и го дополнуваат севдахот како посебна состојба. Јас имам духовно разголувачки концерти на кои раскажувам приказни само со гласот во a cappella, но секако имам и свои соработници – врвни музичари. Иако концертите често се структурно различни, секогаш константна е само таа доза емоции, таму сe раздавам без задршки и тоа публиката го чувствува, го препознава како свое и се ослободува од сè што ја стега и ја става во калап. Едноставно се чувствува љубовта, па луѓето и така си заминуваат од моите концерти – исполнети со љубов и сила за понатаму. Јас многу работам и мене звукот и гласот ми се предизвик во секоја смисла. За мене сè e песна и сето тоа толку силно ме исполнува и забавува, целиот тој процес на создавање и обликување на сосема различни пристапи и облици на изразување на сцена е дел од мојот автентичен израз. Албумот „Мелек“ ги собра најдобрите критики досега и претставува симфонија од звуци на минатото, вокален мекам, емотивна меланхолија, копнеж и љубов. „Мелек“ е своевиден дневник на мојата душа и уживав работејќи на него. На овој албум соработував со сјајни музичари какви што се: Мирослав Тадиќ, Васил Хаџиманов, Марио Батковиќ, Марко Луис, Еслам Ал Шаари, Стефан Миленковиќ, Љубојна… „Мелек“ е совршена рапсодија на болката преточена во надеж од која љубовта сјае како бисер.
Имам впечаток дека искреноста во вашето живеење се проектира во музиката, па затоа никој не останува рамнодушен пред моќта и широчината на вашите изведби, без разлика дали ве гледа во живо или со медиумско посредство. Изразувајќи ги машкото и женското во себе, живеејќи со состојбата на епилепсија, борејќи се со предрасудите, се прашувам, има ли нешто што не можете да надминете?
Го живеам животот ден за ден и ги надминав големите планови, лажните пријатели, трката за материјалното… Во трката за пари, луѓето многу често се претвораат во робови и себични гадови што ги понижуваат другите што не живеат така. Стојам настрана од таквите. Опкружен сум со вистински пријатели кои ме сакаат искрено и на кои можам да им кажам сè, секогаш да се потпрам на нив. Живеам без пороци, се трудам што повеќе да шетам, да џогирам, здраво да се хранам и да бидам задоволен и среќен во секој момент што го имам. Ги игнорирам човечката глупост, безобразлукот и примитивизмот. Тоа воопшто не допира до мене. Мојот живот и мојата уметност не се условени од општеството во кое живеам. Сè e до нас самите, живејте го својот живот и ако некому не можете да му кажете нешто убаво, не му кажувајте ни лошо. Сè се враќа порано или подоцна.
Верувам дека голем број музички сладокусци од Македонија со нетрпение очекуваат да направите мост меѓу непресушните музички ризници на босанскиот и на македонскиот народ преку солистички концерт во Скопје. Која е вашата порака до нив?
Ќе дојдам, со сето свое срце посакувам тоа да се случи веќе идната година. Многу ја сакам Македонија, вашиот народ, песните, традицијата и големата ризница со знаење и богатство од непроценлива културолошка вредност. Знам дека сè повеќе луѓе со нетрпение ме очекуваат во Скопје, и исто така знам дека тоа ќе биде сјаен, несекојдневен концерт што долго ќе се раскажува. Јас не умеам и не сакам да биде поинаку. Ви испраќам многу љубов!