Отсекогаш сум гладна. Не само за вкусови, ами и за улични прикаски. Не за џабе пишувам на што и да наидам – од раскошна глетка на расцутени сакура цреши и мирис на домашен сладолед, до лакомо колвање ѓеврек на плочник, „нападнат“ од јато гугутки.
Нашиов град е софра. Од вкусови, луѓе, енергии, амбиенти и во зависност од која визура го гледаш и мирисаш – или ќе те освои или ќе чекаш до наредната средба. Мене ми е најубаво кога средбите си ги растегнувам ко кашкавал и пребарувам што одново може да ми биде возбудливо. Слатките идеи ги оставам настрана, ми треба нешто солено, не премногу тешко и да ме освежи.
Лахмаџун во Чаршија. Замастени столчиња, „Галерија 7“ никогаш не изгледала почовечно од овој ден денес. Прашувам дали има ајран – нема. Чекаат да дојде свежа порачка. Сега има само лимонада. Вистинска, со пулпа од лимон во неа. Ајде, сакам две чаши. Да, да, една по друга. Претопло е, иако стреата покрива мал дел од небото. Чаршафчињата попримиле цели светови, што наши, што туристички. Ѕидовите впивале од годините уметност што се создавала на овие маси. Менито е едноставно срочено и вметнато во стаклената витрина од масата. Олд скул и читливо.
Пиде со суџук? Хмм, после тоа цел ден ќе ми мирисаат дланките на истанбулски џез. Нареден пат. Сега сакам кружна форма, патописна, како плоча што ќе ми го задоволи апетитот.
Лахмаџун, звучи како џингл добра музика. Тенка кора на тестото, 100 денари, совршен спој на месо, зачини, свежа марула и парченца лимон. Ако е жешко, се јаде една порција, бавно и со превиткување на четвртинките во мали килимасти залаци. Ако сакаш луто, има и мало сосче – компањон што го прави доживувањето уште подобро. Никој не застанал само на еден.
Гратис совет кога не ви се седи?
Може да си го земете и за носење и да го јадете како бурито со ладно пиво – дома или некаде низ градов.
Не мора да си странец за да те упатам таму. Само биди гладен. И верувај им на ќошињата гурманлук што спијат во секој кадар од Чаршијата. Нареден пат, ќе тераме друга авантура. Нешто што е симбол, досие на Скопје, ама и традиција што без кромид не оди.
Останете гладни. Има уште.
Ана Голејшка е поетеса, моторна сила на движењето „Ретвитни оброк“ и идеална половина од дуото што ја организира поетската манифестација „Астални проекции“